Под покровителство на Мотоциклистичка федерација на Македонија и Општина Старо Негоричане, a во техничка организација на МК Вардар на 28 август на патеката покрај Манастирот Забел во Старо Негоричане се одржа третиот натпревар од Шампионатот на Македонија во мотокрос за сезоната 2009.
И оваа година натпреварот кој традиционално се одржува на денот на христијанскиот празник Голема Богородица привлече големо внимание на вљубениците на мотокросот од Кумановско и пошироката околина. По сончево време настапот на 16 натпреварувачи го следеше 3.000 публика. Патеката овој пат беше продолжена за уште 350 мести и сега има вкупна должина од 1.300 метри и претставува уште поголем предизвик за натпреварувачите.
Во најмалата класа до МХ85 за прв пат годинава настапи Кристијан Панковски и на два пати го освои првото место пред минатогодишната шампионка Фетије Елези (МК Вардар), а трет беше Антонио Дејановски (МК Бутел). Сепак Елези останува водечка во генералниот пласман.
Во втората класа МХ2 во победата заслужено ја однесе се подобриот Битолчанец Благојче Спировски (МК Гоко) кој го зголеми водството во генералниот пласман. Зад него се пласираа Драган Ванов (МК Вардар) и Стефан Денковски (МК Соколи).
Во најсилната класа МХ1 најуспешен беше Дарко Дејановски (МК Бутел), пред Арун Меховиќ (МК Вардар). Повеќекратниот шампион на Македонија, Мирче Ќорнаков (МК Спортинг) во последен момент реши да му го препушти мотоциклот на својот наследник Кристијан кој се пласираше на третото место и покажа дека во иднина треба да очекуваме уште подобри резултати. Дејановски останува водечки после 3 натпревари.
Помеѓу двете возења беше одржана ревијална трка од класата хоби во која по тесна борба победи Тони Златановски пред Сашко Ванов и Дејан Лазов.
Следниот натпревар ќе се одржи на 11 октомври на патеката Орман крај Скопје.









