Претставници од Мотоциклистичка федерација на Македонија (МФМ) изминатиот викенд на Шар Планина извршија одредување на првата ендуро патека во Македонија. Патеката се наоѓа под врвот Љуботен во атарот на селата Вратница, Старо Село и Рогачево и вкупната должина ќе изнесува околу 30 километри.
МФМ ја доби организација на ендуро натпревар во рамките на Источно-европскиот шампионат, а во календарот се предвидени вкупно 5 натпревари во Грција, Турција, Романија, Македонија и Бугарија. Предвидениот термин 2 август се поклопува со големиот национален празник Илинден. Според досегашните најави се очекува учество на стотина мотоциклисти поделени во две класи, а досега интерес пројавија 7 држави. Натпреварот ќе се состои од 3 етапи по 30 километри во кои е предвиден и екстремен дел од 2 километри (низ шума и потоци) кој му дава уште поголема атрактивност на овој вид натпревари кои за првпат ќе се одржи во Македонија.
Во текот на одредувањето на трасата, МФМ доби голема помош од Скијашкиот клуб Љуботен, како и Граничната полиција на Република Македонија. Тие ја поздравија иницијативата за заживување на овој регион со спортски натпревари и ја искажаа својата поддршка активното да се вклучат во организацијата во текот на следните два месеци.
Идејата на МФМ е натреварите на оваа патека да се претворат во традиција, а понатаму истата да се вклучи и во повисок ранг од меѓународните шампионати.









