Под покровителство на Мотоциклистичка федерација на Македонија, a во техничка организација на МК Цобо спорт од Скопје на 20 и 21 јуни на патеката во Кичево се одржа првиот натпревар од Шампионатот на Македонија во мотоциклизам на кружни патеки за сезоната 2009. Многуилјадната публика по убаво време уживаше во вештината на мотоциклистите и можеше да проследи многу возбудливи борби.
За разлика од изминатите 2 години од кога се обнови шампионатот на кружни патеки, новост беше распишувањето на класата до 125 ссм. Иако на тренингот се појавија 5 натпреварувачи, на трката стартуваа тројца. И покрај тоа, трката беше возбудлива во сите 10 кругови поради дуелот на двете Априлии, односно на Мирослав Маринковски (МК Стрит фајтерз) и Павле Ташковиќ (МК Цобо спорт). Тие на неколку пати се менуваа на првата позиција за на крајот сепак Маринковски во своето деби во шампионатот да оствари тесна победа пред Ташковиќ. На третото место се пласираше уште еден дебитант, Мартин Блажевски (Хонда, МК Цобо спорт).
Во другите две класи (до 600 ссм и до 1000 ссм) кои се веќе добро познати немаше изненадувања. Двократните шампиони од овие класи Слободан Ивчески (Триумф, МК Цобо спорт) и Сашо Николов (Јамаха, МК Тумац) ја продолија доминацијата и се на добар пат да станат први носители на златна кацига во Македонија кога е во прашање оваа дисциплина. Ивчески убедливо победи во класата 2 пред Томислав Ѓорѓиевски (Сузуки, МК Тумац) и Владо Ѓуровски (Сузуки, МК Стрит фајтерз). Николов кој постигна најбрзо македонско време на тренингот 1:04,814 и го собори рекордот на Ивчески. Ѓоре Караколев (Кавасаки, МК Спиди ист) кој повторно се врати на патеките успеа да избие пред Николов во третиот круг, меѓутоа не за долго бидејќи имаше излетување во четвртиот круг. За среќа, тој помина без никакви повреди. Зад победникот се пласираа неговите клупски другари Ефтим Вељановски (Сузуки) и Ивица Јакимовски (Кавасаки). Меѓународен карактер на трката и даде Дарко Тодоров од Србија кој победи на трката, а имаше и најбрз круг на трката 1:03,038.









