Под покровителство на Мотоциклистичка федерација на Македонија, a во техничка организација на МК Цобо спорт од Скопје на 20 и 21 јуни на патеката во Кичево ќе се одржи првиот натпревар од Шампионатот на Македонија во мотоциклизам на кружни патеки за сезоната 2009.
За разлика од изминатите 2 години од кога се обнови шампионатот на кружни патеи, новост е распишувањето на класата до 125 ссм во која се очекува интересна борба за првата шампионска титула. Другите две класи се веќе добро познати и тоа: – до 600 ссм (Супер спорт) и до 1000 ссм (Супер бајк). Двократните шампиони од овие класи Слободан Ивчески (Сузуки, МК Цобо спорт) и Сашо Николов (Јамаха, МК Тумац) тргнуваат со желба да ја продолжат доминацијата и да станат први носители на златна кацига во Македонија кога е во прашање оваа дисциплина. Овој пат се очекува конкуренцијата да им биде далеку поголема, а севкупно се очекува да настапат околу 25 натпреварувачи.
Ивчески за годинава набави нов мотоцикл Триумф со кој очекува и да го собори најдоброто македонско време 1:05,010 кое го постави минатата година. Да потсетиме патеката е долга 2.050 метри и има 6 леви и 2 десни кривини. Организаторите очекуваат голем интерес од страна на публиката која секогаш на мотоциклистичките натпревари доаѓала во голем број.
Тренингот е закажан за сабота 20 јуни во 12.00, додека свеченото отворање е во недела 21 јуни од 11.30, а трката започнува од 12.00 часот.










