Италијанскиот натпреварувач Симоне Фаџиоли (Осела FA30) е апсолутен победник на четвртата трка од европскиот шампионат на ридски патеки што денес се одржа во Штернберк, Чешка.
Третата своја победа во исто толку настапи годинава, Фаџиоли ја надополни со новиот рекорд на патеката кој сега изнесува 2:49,99 и е за речиси 4 секунди побрз од претходниот на Шпанецот Андер Виларино од 2005 година.

За 1-2 победа на Италијаните се погрижи Фаусто Бормолини (Рејнард F3000), а на третото место се искачи домашниот натпреварувач Милош Бенеш (Ралт F3000). Словенецот Владимир Станковиќ (Рејнард F3000) на крајот го освои 9. место, пред се поради послабото време во првото возење.
Во генералниот пласман во категоријата 2 сега водат Фаџиоли и Бормолини со 60 поени, пред уште еден Италијанец, Ренцо Напионе со 42 поени.
Во групата Е1 на првите две места се најдоа австријците Феликс Паилер (Ланчиа делта интеграле) и Андреас Марко (Ауди А4), во групата N очекувана победа на Роланд Ванек (Мицубиши ланцер, Германија), пред дебитантот во оваа конкуренција, Кристијан Нисторан (Мицубиши ланцер, Романија) и повторно одличниот Алеш Прек (Хонда сивик, Словенија).

Домашниот терен го искористија Вацлав Јаник (Мицубиши ланцер) кој убедливо победи во групата А и Лукас Војачек (Алфа Ромео 147) со победата во групата ЅР.
Во генералниот пласман во категоријата 1 убедливо води Јаник со 65 поени, пред Војачек со 50 и Ванек со 40 поени.

Петтата трка од европскиот шампионат на ридски патеки е предвидена веќе следниот викенд, на 14 јуни во Трир, Германија.








