» Водно го губи сјајот
спонзор/и

Традиционалната авто трка на Водно на ридски патеки за жал годинава помина со само 41 натпреварувач. Во изминатите 6 години колку што се вози на оваа трка за меѓународните шампионати (IHCC, EHCC и CEZ) гледавме многу побогати трки со возила, а исто така Водно повеќе не е дел од националните шампионати на Србија, Црна Гора, Бугарија и Хрватска.
И кога се очекуваше помалиот број на возила (2007 имаше 95, 2008 – 73) да му овозможи полесно да се справи со натпреварот од самиот почеток се случија неколку почетнички грешки.
Не постоеше верификационен лист, туку тоа беше празен А4 лист напишан со пенкало што е недозволиво за меѓународен натпревар. Потоа на верификација некои натпреварувачи не беа сместени во групите во кои припаѓаат според меѓународните правилници, туку според македонскиот правилник. Од друга страна македонски натпреварувачи беа префрлани во групи кои не припаѓаат. Стартната листа за тренинг содржеше повеќе натпреварувачи без никакви податоци освен стартен број!?!?!?
Голготата со групите го достигна својот врв кога дури после тренингот без објаснување повеќе од пола натпреварувачи беа префрлени во друга група и комплетно се измени стартниот поредок.
Делегатот од Италија будно ја следеше работата на организаторот, но наоѓаше време и за шега откако беше на изненадување на сите, возилата беа испратени во затворен паркинг после тренингот.
Иако имаше петнаесеттина натпреварувачи од странство брифинзите беа држени на македонски јазик, а „странците“ мораа дополнително да се снаоѓаат за превод.
Поставената сатница повторно тешко се следеше, па тренингот каснеше половина час, а првата трка дваесетина минути.
Во второто возење беше направен уште еден преседан. Му се допушти старт на натпреварувач кој не го заврши првото возење!?!?!
И за жал на крајот после излетувањето на еден болид, натпреварот не беше прекинат, не беше повикана итна помош. Натпреварувачот мораше со сопствено возило да оди до болница на преглед. Во меѓувреме неговата формула беше дополнително оштетена при транспорт со шлеп возило. За среќа, натпреварувачот помина без повреди, но остана без извештајот на специјалистот, туку доби само копија од директорот на натпреварот кој реши извештајот да го задржи за себе???
Уште повеќе, директорот побара од натпреварувачот да даде изјава пред делегатот дека судијата правилно постапил по инцидентот, што секако беше одбиено.
На крајот останува неизвесно каква ќе биде оценката од делегатот на ФИА кој замина со многу забелешки во својот бележник.
Дали легендарното Водно го губи сјајот???

Остави коментар

Copyright © 2009 PunGas.com.mk