По сончево време мото клубот Цобо спорт од Скопје и Мотоциклистичката федерација на Македонија (МФМ) на 03.05.2009 година ја организираа втората трка од Шампионат на Македонија за скутери во 2009 година на патеката во Волково крај Скопје.
Натпреварувачите беа поделени во две класи: до 80 ссм и до 150 ссм и возеа одделно. Прво настапија учесниците од втората класа. Трката ја поведе најдобриот од квалификациите Томислав Арсовски пред клупскиот колега од МК Цобо спорт, Горан Јовановски. После неколку обиди, во 13 круг Јовановски успеа да го преземе водството и до крајот да се задржи на првото место. Трет беше Урош Лазов од МК МКД Стрит фајтерз кој возеше соло трка, додека претставниците од истиот клуб Коста Николовски и Маја Милошевска завршија како четврти и петта. Во генералниот пласман Јовановски води со максимални 50 поени, пред Арсовски со 44 и Милошевска со 34.
Во класата до 80 ссм видовме многу поинтересна борба на 9 натпреварувачи. Велешанецот Оливер Гиовски од МК Цобо спорт овојпат се прикажа во многу подобро светло од првата трка кога беше шести. Тој ја освои првата стартна позиција и постојано беше во водство без никој да го загрози. Зад него се водеше голема борба помеѓу Даниел Блажевски од МК МКД Стрит фајтерз и тројката од МК Цобо спорт: Бојан Петрушевски, Крумислав Панов, Томислав Арсовски. Од големата желба за добар пласман Петрушевски падна додека беше на второ место, потоа продолжи како петти, но после вториот пад мораше да се откаже. За среќа тој немаше никакви повреди. Пад имаше и Блажевски додека беше втор, но сепак се подигна и успеа да заврши како четврти. Панов долго беше во потера на конкурентите и на крајот успеа да се избори за второто место додека Арсовски беше трет. Во генералниот пласман води Панов со 47, пред Арсовски со 42 и Гиовски со 40 поени. Покрај признанијата најдобите во двете класи добија пригодни награди: кациги, јакни и друга мотоциклистичка опрема.
Третата трка од шампионатот е предвидена за последниот викенд од јуни.









