На раскрсницата помеѓу булеварите Кузман Јосифовски – Питу и Кочо Рацин денес беа поставени првите 12 семафори за велосипедисти во Скопје и воопшто во Македонија.

Поставувањето на семафорите е дел од проектот „Промовирање на алтернативни транспортни решенија – намалување на стакленичките гасови во јавниот транспорт во Скопје, Македонија„ чија главна цел е намалување на емисиите на стакленичките гасови во јавниот транспорт во Скопје со промоција на употребата на велосипеди, чиј носител е Здружението на граѓани Проактива од Скопје. Една од главните активности во проектот беше изградба на велосипедска патека низ централното градско подрачје која ги поврза веќе постојните патеки во источниот и западниот дел на Скопје. Во реализацијата на патеката се вклучени Градот Скопје, Британската амбасада во Скопје, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) и Проактива.
Семафорите се донација на РСБСП, а беа поставени од страна на екипата на „Улици и патишта“. До крајот на мај 2009 година ќе се постават уште 21 семафор на сите раскрсници долж булеварот Кузман Јосифовски – Питу.
Проактива исто така учествува во проектот за реконструкција на велосипедските патеки во Општина Аеродром каде што се привршуваат градежните и сообраќајните работи по должина на булеварот Јане Сандански.









