Под покровителство на Мотоциклистичка федерација на Македонија, a во организација на МК Вардар во недела на 17 мај на патеката во Орман крај Скопје ќе се одржи вториот натпревар од Шампионатот на Македонија во мотокрос за сезоната 2009.
Годинешниот шампионат во овој возбудлив спорт е распишан во 3 класи и тоа: МХ85, МХ1 и МХ2 и се очекува учество на преку 30 натпреварувачи од Македонија и соседните земји. На првата трка од шампионатот што се одржа на патеката Забел крај Старо Негоричане победници беа Фетије Елези (МК Вардар), Благојче Спировски (МК Гоко) и Мирче Ќорнаков (МК Спортинг).
Најголемо внимание ќе привлече учеството на нашиот најдобар мотокрос натпреварувач Христијан Илиоски. Од него се очекува да ја потврди доминацијата во класата МХ2 од Источно-Европскиот шампионат каде што убедливо води во генералниот пласман. Секако дека атрактивните скокови се мотив повеќе за публиката да дојде во што поголем број и да ги бодри Илиоски и неговите колеги.
Во сите класи се очекува интересна борба, а тренингот е закажан за 10.15, свеченото отворање во 11.45 часот, а првата трка од 12.15.
Програма на натпреварот:
- 09:30-10:00 технички преглед и верификација
- 10:05-10:15 прва седница на жири
- 10:15-10:35 службен тренинг МХ85 (задолжителни 3 круга)
- 10:40-11:10 службен тренинг МХ1+МХ2 (задолжителни 3 круга)
- 11:15 втора седница на жири
- 11:45 свеченост „Награда Скопје“ и отворање на трката
- 12:15 прва трка МХ85 (12 минути плус 2 круга)
- 12:40 прва трка МХ1+МХ2 (20 минути плус 2 круга)
- 13:20 втора трка МХ85
- 13:45 втора трка МХ1+МХ2
- 14:20 прогласување на победници
- 14:30 трета седница на жири









