Македонскиот мотокросист Христијан Илиоски (17 години) како претставник на Мотоциклистичката федерација на Македонија (МФМ) успеа да го освои второто место и во двете возења од класата МХ2 на четвртата трка од Источно-Европскиот шампионат во мотокрос која се одржа на 10 мај на патеката Чолпани во Романија.

Серијата од 6 победи по ред му ја прекина бугарскиот натпреварувач Петар Петров кој за прв пат годинава настапи во овој шампионат.
- Немав можност да му се спротиставам на мојот врсник Петров. Тој настапува со многу подобро подготвен мотор, вози и во европскиот шампионат, а на подготовките за оваа сезона беше во САД. Со оглед на тоа што ова е за него прв настап годинава во оваа категорија, не сакав да ризикувам и се штедев и себе си и моторот. Најважно од се е што завршив пред Николај Колев (Бугарија) кој ми и најголем конкурент за титулата. Патеката беше одлично подготвена и организацијата беше на високо ниво – изјави Илиоски.
Илиоски сега во генералниот пласман во класата МХ2 води со 194 поени, со 45 поени предност пред Колев. Истиот поредок е и во МХ2 јуниор. Следниот натпревар е веќе на 23 август во Зрењанин, Србија.










